Раул доби засилување во „пензионерот“ од Шведска

На крајот од минатата сезона левиот бек од Шведска одлучи да стави крај на кариерата и да се одмори од петте напорни сезони минати во шампионот на Германија. Ким Екдал ду Риц одлучи во февруари да се врати во тимот на Рајн Некар за да помогне, а сега веќе има договор со екипата на ПСЖ каде што ќе биде засилување за екипата која следната година ќе биде предводена од страна на Раул Гонзалес.

После Хенрик Тофт Хансен и Виран Морос, тој ќе биде третиот ракометар што доаѓа како засилување за ПСЖ за следната сезона, самиот вели дека е задоволен од трансферот.

„Се приклучувам на еден од најдобрите клубови во светот. Има голем број на талентирани играчи и имам желба да освојам сè. Тоа ќе биде нова авантура за мене. Рајн Некар е еден од најдобрите клубови, но ПСЖ е еден од топ 4 во моментов во Европа“, изјави Ду Риц кој во сезоната 2011/2012 ги бранеше боите на тимот на Нант.

Ова значи дека „пензионерот“ кој се врати да му помогне на Рајн Некар одлучи да се врати целосно на ракометот и во новата сезона ќе биде еден од играчите од кои ќе се очекува да донесат квалитет плус во ПСЖ.