Раул ги советува вардарци: Tреба само верба, во Скопје на сите им е тешко да играат! (ВИДЕО)

Селекторот на Македонија и актуелен тренер на ПСЖ, Раул Гонзалес и понатаму важи за еден од најдобрите стратези во светот во моментов. Тој со својот клуб доминира во Лигата на шампионите и е единствен кој нема пораз во четирите групи после шест кола.

Раул беше одново во Македонија за квалификациите за Европското првенство, но овој пат резултатите не беа така позитивни. Против Турција беше забележана победа, но поразот против Грција ја врати репрезентацијата неколку чекори наназад.

„Треба да смениме многу работи. На последниот натпревар не беше добар ниту нападот ниту одбраната. Мораме да играме како пред една година и сега мораме да работиме повеќе за да можеме да го достигнеме тоа ниво“, вели Раул Гонзалес во интервју за 24Ракомет ТВ.

Тој смета дека не е завршено ништо и дека допрва ќе се води битка за пласман на првенството во Шведска, Норвешка и Австрија.

„Имаме уште многу натпревари за играње до крајот на квалификациите и има уште многу време до обезбедувањето на пласман на Европското првенство. Нашите шанси остануваат, а ќе видиме како ќе биде против Исланд“.

Тој сега работи во Франција каде со ПСЖ е во битка за трофејот во најсилната лига на оваа земја, како и во Лигата на шампионите. Вели дека ништо не е исто како во Вардар.

„Во Франција е различен менталитет. Таму сум нов и мора да ме запознаат. Задоволен сум како одат работите. Сепак, ќе треба време за ракометарите да се навикнат на мојот стил на работа. Во секој случај досега оди сè според план“.

За Вардар вели дека клубот има одличен стратег после неговото заминување и дека на секого ќе му биде тешко во Скопје.

„Роберто Парондо е многу добар тренер. Има квалитет и одлично го разбира ракометот. Играчите се одлични, а Вардар е голем клуб. Сите треба да веруваат и ја сум сигурен дека ќе ја поминат групата. Потоа кога ќе вкрстат со другата група нема да имаат проблеми бидејќи Вардар секогаш игра фантастично дома“, зборуваше Раул за 24Ракомет ТВ.

Комплетното интеврју во кое ќе можете да слушнете уште за репрезентацијата на Македонија, за ПСЖ и за Вардар можете да го погледнете во продолжение.