Ратинген го потврди трансферот на Јоновски

Германскиот третолигаш Ратинген 2011 го потврди ангажманот на искусниот македонски репрезентативец Ацо Јоновски. На официјалниот веб-сајт на клубот, раководните лица изразија задоволство од трансферот на стружанецот во тимот.

„Ова е коцката што ни недостигаше во мозаикот за следните години да напредуваме. Ацо ќе ни ги донесе потребните искуство и квалитет.“ – велат од Ратинген.

Доскорешниот ракометар на Бергишер исто така е задоволен од новиот клуб.

„Се работи за амбициозен клуб, а исто таков сум и јас. Задоволен сум од приемот, моето семејство и јас се чувствуваме одлично овде.“ – вели кратко Јоновски.

Тој потекнува од тимот на Струга, а потоа играше за Пелистер, Вардар и Металург. Во странство беше дел од Бешикташ, Сент Гален, Силкеборг, Босна и Ла Риоха, пред да се пресели во Германија.