Расмусен повторно во Скопје, ЦСМ Букурешт прв пат официјално против Вардар

Романскиот шампион ЦСМ Букурешт е најновото име во европскиот ракомет. Од анонимен клуб прерасна во дрим тим предводен од полскиот селектор, Ким Расмусен. Проектот трае веќе две години, а оваа сезона управата на ЦСМ има амбиции екипата да заигра на завршниот турнир во Будимпешта, а со тоа и шанса за освојување на пехарот во Лигата на шампионките.
Во Букурешт сезонава имаше и финансиска криза, а клубот го напушти репрезентативката на Бразил, Кавалеиро Деонис која замина во Данска. Иако се чини дека проблемите се надминати, сѐ уште неизвесна за настап против Вардар е втората Бразилка во редовите на ЦСМ, Да Силва Фернанда. Можната промена на средината ќе се обелодени по преговори со суперлигашот од Данска, Оденсе.
Пред почетокот на сезоната на пријателски натпревар ЦСМ Букурешт славеше убедливо против ЖРК Вардар со 35:28 (20:12).

300x250

Оваа сезона во Лигата на шампионките екипата на Букурешт обезбеди директно учество заради шампионското место во Романија. Пред една година ЦСМ започна традиционално да организира ракометен женски турнир, а на првиот за организацијата беа потрошени дури 80 илјади евра, буџет кој го немаат ни поголем број на познати клубови.
Букурешт во Д групата одигра шест натпревари и забележа четири победи, едно реми и еден пораз против екипи како Будуќност, Савехоф и Лубин. Во главната фаза влегува со пет бодови, еден повеќе од Вардар. Во групата 2 силите ќе ги одмери со ЖРК Вардар, Митјиланд и Ѓер. Првиот натпревар го игра на гостински терен во Скопје во СЦ ,,Јане Сандански” против македонскиот шампион, ЖРК Вардар. Овој дуел ќе биде специфичен по тоа што силите ќе ги одмерат и тренерите на двете екипи, Индира Кастратовиќ и Ким Расмусен, тандем кој минатата сезона краток период го предводеше ЖРК Вардар, но после поразот од Лајпциг во Германија доби отказ од управата. Интересен ќе биде дуелот меѓу старите познанички од Русија, Инна Суслина од Вардар и Екатерина Веткова од ЦСМ Букурешт, овие две ракометарки неколку сезони го носеа дресот на тогашниот руски шампион, Звезда Звенигород. Двете ракометарки повеќе не се репрезентативки на Русија. Другиот дуел е резервиран за поранешните ракометарки на РК Крим, Андреа Пенезиќ и Барбара Лазовиќ против Кармен Мартин и Јелена Грубишиќ. Од Романија нема да допатува репрезентативката на Данска, Лине Јоргенсен поради повреда .