„Ракометот во Европа ќе биде незамислив без битолскиот ракомет“

Денеска беа договорени сите детали околу фузијата на двата битолски тима, Еурофарм Работник и Пелистер, па наскоро би требало да го имаме новото „дете“ – Еурофарм Пелистер.

Челниците на Еурофарм Работник преку соопштение ги искажуваат своите размислувања за фузијата на двата клуба и придобивките од истата.

„Управата на Еурофарм Работник го поздравува денешното изгласување на ‘Платформата за ракометна Битола’ од страна на советот на општина Битола. Ваквата одлука на советот овозможува пристапување кон финализирање на сите административно-технички аспекти кои се опфатени со договорот. Ние и понатаму остануваме посветени на конечна завршница и реализација на договорот и се надеваме дека овие формалности ќе успееме да ги завршиме за многу краток период после кој веднаш ќе пристапиме кон реализација на договорот. Исто така би сакале да потенцираме дека и понатаму остануваме целосно убедени дека од реализацијата на оваа платформа најголемата придобивка ќе ја има ракометот во Битола.

Ракометна Битола во натпреварувачката сезона 2019/20 повторно е дел од врвната ракометна Европа. Впрочем, ракометна Битола отсекогаш припаѓала таму. Ние сме цврсто убедени дека во годините кои следат, ракометот во Европа ќе биде незамислив без ракометот од нашиот град. Годинашнава европска приказна ја оценуваме како успешна во секој поглед. Преку досегашните телевизиските преноси, публиката ширум Европа имаше можност да види колку во Битола се сака ракометот, колку навивачите на трибините го разбираат и знаат за ракометот. Најдобар показател за тоа е фактот што од почетокот на сезоната, нашиот град и нашата сала се на првото место по посетеност на натпреварите во СЕХА лига на домашен терен. Истовремено сме сигурни дека добар дел од ракометна Европа во наредниот период дополнително ќе има можност и ќе ја дознае тајната и магијата на ракометна Битола“, се вели меѓу другото во соопштението на битолчани.

Актуелната сезона Еурофарм Работник ќе игра во сино-белата комбинација, додека од идната сезона Еурофарм Пелистер покрај оваа комбинација, ќе има и зелено-бела.