Легенди во ред со Червар за селекторското столче на Хрватска

Февруари ќе го одбележи селекторската сага која ја зафати репрезентацијата на Хрватска. Амбициозните челници на хрватскиот ракомет не сакаат да ја пропуштат огромната шанса за освојување на европски златен медал на домашен терен па затоа се обидуваат да го соберат најдоброто што Хрватска може да го понуди од ракометот.

Ниту Македонија не е изземена од турбуленциите кои ги предизвика изгласаната недоверба на Жељко Бабиќ, бидејќи најпосакуван наследник за ХРС е македонскиот селектор Лино Червар. Затоа делегацијата која беше на преговори во Скопје ја предводеше најголемото име во хрватскиот ракомет, Зоран Гобац. Дефинитивен договор нема, а нема ни да има во блиска иднина. Во меѓувреме потпретседателот на ХРС, пред хрватските медиуми ги наброи сите кандиндати со кои се извршени прелиминарни разговори.

Интересно е што меѓу искусните тренери кои беа во комбинација за кормилото на хрватската ракометна репрезентација освен Лино Червар нема друг Хрват. Затоа Гобац веќе разговарал со актуелниот селектор на Катар, трофејниот шпански стратег Валеро Ривера, но шансите да се појави на клупата на Хрватска се речиси невозможни со оглед на неговиот договор со азијскиот шампион. Второто име на листата ракометни легенди со кои раководството на ХРС остварило контакт е легендарниот дански селектор Улрик Вилбек. Вилбек се повлече од селекторската функција пред три години, а веднаш потоа доби нова улога како директор на репрезентацијата, но тој ангажман траеше до крајот Олимписките игри во Рио кога ја напушти функцијата. Со машката репрезентација на Данска досега освои два златни медали од континенталните собири. Иако има неколку примамливи понуди искусниот Вилбек се уште не се одлучил да се врати во жарот на ракометот. Тој започна политичка кариера, а на локалните избори во 2017 година, Вилбек ќе се кандидира за градоначалничката позиција во Виборг. Затоа веројатно најреална опција за клупата на Хрватска би бил шпанскиот стратег Хуан Карлос Пастор. Пастор е тренер на унгарскиот Пик Сегед, a своите квалитети како селектор на репрезентацијата на Шпанија веќе успешно ги докажал во минатото. Како еден од последните кандидати но со подеднакво реноме, ХРС го истакнува францускиот стратег Патрис Канаје. 55-Годишниот фрaнцузин во својата долга кариера на клупата на Монпелје ги има освоено сите клупски трофеи, токму тоа е најголема препорака за превземање на кормилото на репрезентацијата на Хрватска.

Единствен проблем кога се во прашање амбициите на ХРС е финансискиот дел, кој треба да соодветсвува на реномето кое овие тренери го изградиле во ракометниот свет. Токму буџетот за плата на новиот селекторот може да биде пресуден за изборот на следниот предводник на „каубоите“. Додека Червар размилсува за својот нареден предизвик, хрватската куќа на ракометот ќе се пребројува до конечната одлука и избор на човекот кој за прв пат ќе го донесе златниот медал од Европското првенство во ракомет.

One Response

  1. IZ MAKEDONIJE STIŽE VIJEST: Lino Červar se vraća u Hrvatsku, Metalurg pronašao novog trenera – Net.hr

    […] “vraćaju” Linu Červara u Hrvatsku. Ako je suditi prema pisanju portala 24rakomet.mk legendarni trener vraća se za kormilo hrvatske rukometne reprezentacije, a skopski Metalurg […]