Ракометниот Меси со шлаканица за Полска

Денеска ширум светот се одиграа дури 10 пријателски натпревари. Најголемото изненадување го приреди селекцијата на Аргентина, која на турнирот во Шпанија славеше над Полска со 29:24. Полска иако врати дел од поискусите со кои ќе атакува на бараж за СП, беше во игра се додека на теренот не заигра ракометарот на Монпелје, Диего Симоне, за кој момците на Пјотр Пржибецки немаа решение. На полувреме беше 13:13, но во вториот дел Симоне со 7 голови ги предводеше Аргентинците до голема победа.

Катар, Тунис, Алжир, Бахреин и Саудиска Арабија се подготвуваат за Азискиот и Африканскиот шампионат што ќе се игра во исто време со ЕП, додека Босна и Херцеговина, Португалија и Романија ги острат нишаните во пресрет на квалификациите за бараж за СП. Катар беше подобар од Алжир со убедливи 40:21, додека Тунис без Ваел Жалуз немаше сили да се бори против Португалија и загуби со 33:29. По поразот од Македонија, Саудиска Арабија загуби и од Босна и Херцеговина со 29:26.

Романија беше подобра од Бахреин со убедливи 29:20, додека во останатите средби каде играат учесниците на ЕП, Германците забележаа неочекувано лесна победа над Исланд со 36:29, Шпанија на домашниот турнир се помачи малку со Белорусија, но победи со 35:30. Австрија загуби од Чешка со 23:26, а еден од противниците на Македонија на ЕП, Црна Гора, му даде неочекуван отпор на домаќинот, Хрватска и загуби само со 25:22.

Резултати, пријателски натпревари:

Катар – Алжир 40:21
Аргентина – Полска 29:24
Португалија – Тунис 33:29
Србија – Македонија 29:32
Босна и Херцеговина – Саудиска Арабија 29:26
Германија – Исланд 36:29
Шпанија – Белорусија 35:30
Романија – Бахреин 29:20
Австрија – Чешка 23:26
Хрватска – Црна Гора 25:22