Ракометна треска ја „здрма“ Германија

Светското првенство во Германија е мамка за сите вљубеници во ракометот, а дека овој спорт е особено ценет покажуваат податоците за гледаност на германската телевизија ЗДФ која го пренесува Мундијалот во живо.

Околу осум милиони гледачи во Германија го следеле натпреварот од 2. коло против репрезентацијата на Бразил на кој ко-домаќинот забележа убедлива победа од 34:21. Или поточно 7,92 милиони гледачи го следеле Светското првенство и националната селекција во саботата на вториот натпревар што е значително поголем број во однос на првиот натпревар против Кореја.

Отварањето на домашната селекција на Мундијалот го следеле 6.11 милиони гледачи, а големиот број на гледачи покажува дека ракометната еуфорија е присутна помеѓу Германците. Ова не се најгледаните натпревари на репрезентацијата на Германија, но се очекува гледаноста да расте како одминува првенството и како за противници ќе доаѓаат посилни селекции.

Еден од најгледаните натпревари е финалето од Европското првенство во 2016 кога Германија стана Европски шампион. Тогаш натпреварот го следеле 13 милиони гледачи. Рекордот за најгледан натпревар го држи исто така финалето на Светското првенство одржано во Германија во 2007 кога го освија трофејот. Тоа финале го гледале 16,17 милиони гледачи.

Начинот на кој Германија го почна Мундијалот со две високи победи навестува дека и овој пат се конкуренти за висок пласман. Доколку успеат да стигнат до финалето гледаноста би можела да ги надмине овие бројки што би било потврда за популарноста на ракометот во оваа земја.