Ракометарките на Металург едногласни: Се боревме за секоја топка и заслужено победивме во Куманово!

Ракометарките на Металург одиграа одличен натпревар и збележаа убедлива и заслужена победа во Куманово, 22-30. По натпреварот беа расположени и го искажаа своето задоволство од настапот.

Репрезентативката Леонида Гичевска даде свој коментар за натпреварот и продложението на сезоната.

‚‚Уште од почетокот знаевме дека ние и Куманово ќе се бориме за првото место. Бидејќи ние изгубивме на домашен терен од Куманово, денеска ни беше многу важно да победиме. Ние не можевме да изгубиме многу, туку само да добиеме, додека пак Куманово со пораз губеше речиси се во пресрет на плеј-офот. Големи фаворити сме во плеј-офот, ги имаме добиено сите други натпревари и пренесуваме 18 бодови додека Куманово ќе пренесе 13 бодови, така да веќе ни е осигурано првото место. За овој натпревар се спремивме добро, покажавме борбеност и карактер. Бевме присутни на терен, игравме паметно и со срце. Првиот натпревар кога изгубивме од Куманово беше лош ден за нас, тоа не беше нашето вистинско издание. Заслужено победивме и сме многу среќни“, изјави Гичевска.

Исто така свое видување за натпреварот дадоа и втората репрезентативка од Металург, Марија Гајиќ како и левото крило Пена Граматова.

‚‚Игравме борбено, се боревме за секоја топка. Дадовме максимум и сè што беше кажано го испочитувавме. Се потрудивме да бидеме на она ниво на кое што знаеме да бидеме. Сега се подготвуваме за плеј-офот и очекуваме повторно галвен конкурент да ни биде Куманово‘‘, рече Гајиќ.

‚‚Презадоволни сме од победата, мило ми е што го испочитувавме договорот со тренерите, голем дел од задачите ги исполнивме. Изигравме добра одбрана и покажавме како се игра со срце‘‘ – изјави Граматова.

Металург во плеј-оф разигрувањето ќе влезе со солидна предност пред Куманово и е многу блиску да ја освои титулата шампион на Македонија.