Разочараната Манеа најави крај на кариерата

ЧСМ Букурешт како и секоја сезона, така и оваа ќе менува многу во тимот. Во ростерот веќе нема да има место за Оана Манеа чиј договор не е продолжен, па кружниот напаѓач разочарано најави крај на кариерата.

„Искрено, не гледам иднина во ракометот. Ова е мојата последна сезона, го оставам ракометот, и не сакам да размислувам за мојата иднина во овој спорт“, вели Манеа.

Таа има 34 години и долга кариера позади себе. Доживеа големи успеси и неуспеси, а полека и годините ја достигнуваат. Во интервјуто со Телекомспорт, Романката истакна и дека не е физички подготвена како негогаш.

„Според мене до овде е доволно. Така се чувствувам. Потребен ми е психички и физички одмор. Имам други планови за во иднина, а во истите не вклучувам спорт. Сакам семејство, дете и тука ми се плановите“, заврши Манеа.

Манеа ја освои титулата во Лигата на шампионките во 2016 година со ЧСМ, а двапати е избрана за најдобар пивот во домашното првенство.