„Работнички-експрес“ го надигра и Аеродром

Ракометарите на Работнички уште еднаш ја истакнаа кандидатурата за влез во Суперлигата, откако одиграа ефикасен натпревар и против Аеродром. Избраниците на Ристо Трпчевски славеа со убедлив 41-23 во натпревар од четвртото коло во групата 1 од Првата лига.

Кога домаќините поведоа со 8-1, веќе јасно беше дека ќе гледаме игра на „мачка и глушец“. До крајот на полувремето поискусниот тим обезбеди залиха од 12 погодоци, 21-9, а на стартот на вториот дел веќе беше и 24-9.

Шанса за настап добија сите ракометари од ростерите, но немаше промена на сликата на теренот и односот на силите, па Работнички само ја зголемуваше предноста и во контранапади ги казнуваше грешки на младите ракометари на Аеродром, до конечен резултат 41-23.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Христијан Милошевски со десет погодоци и Стефан Николовски со девет, а за Аеродром премалку беа осум голови од Марио Митев, додека Едвин Омерагиќ даде четири.