Противникот на Вардар не знае за доста: Монпелје го “здроби” Тулуз, и се задржа на врвот во Франција

Екипата на Монпелје која е противник на Вардар во полуфиналето на Ф4-турнирот во Келн, продолжува да гази и во Француското првенство.

300x250

Најнова жртва на ракометарите на Патрис Канаје беше екипата на Феникс Тулуз која претрпе висок пораз на свој терен со резултат  26-34  (11-19).

Домашните ракометари имаа сили да се спротистават само во почетните десетина минути кога имаа водство од 6-5. Во следниот напад Гигу го израмни резултатот, а од тој момент на теренот постоеше само екипата на Монпелје. Лидерот во францускиот шампионат направи две серии по кои успеа да го скрши отпорот на противникот. Најпрво водени од репрезентативното лево крило-Гигу, направија серија од 4-0 по која поведоа со 6-10 на средината на првиот дел.  Оваа предност ја одржуваа до 20.минута кога при резултат 8-12 иницираа нова серија од 6-0 по која стигнаа до највисоко водство од 8-16, кое успеаа да го одржат до полувреме за високи 11-19.

По само три минути игра во вториот дел, Монпелје стигна и до двоцифрена предност 11-21 и покажа дека оваа сезона не случајно се бори за највисок пласман на два фронта.До крајот Феникс Тулуз се обидуваше да ја намали високата предност на гостите, а во 50.минута најмногу што успеа е да стигне до негатива од пет гола 23-28. До крајот Монпелје повторно успеа да ја врати високата предност за конечни 26-34.

Најпрецизен во екипата на Монпелје беше Мишел Гигу со 12 голови, а во кај Феникс Тулиз најмногу се истакна Петерсон со 6 погодоци.

По овој триумф Монпелје со 41 го задржа врвот во Франција, пред ПСЖ кој има 39.