Пролет со силна одбрана до три бода против Струга

Екипата на Пролет дојде до нови три бода на дуелот против Струга на кој имаше контрола над резултатот од првата до последната минута на средбата. Конечните 30-23 беа слика за она што беше покажано на теренот.

Пролет поведе со 3:0 и овие три гола постојано ги зголемуваше во првото полувреме. Стружани имаа грешки во нападот и многу тешко доаѓаа до погодоци. Создаваа шанси, но реализацијата не беше на потребното ниво. Тоа беше казнувано од Пролет, па на крајот од првиот дел резултатот беше 19:9.

Во второто полувреме, Струга одигра подобро, но Пролет имаше висока предност, контрола и можеше мирно да го приведе мечот кон посакуваниот крај. Борбеноста во одбраната беше клучна за конечниот епилог на оваа средба. Таа даде резултат, а тоа овозможуваше многу контри кои беа и клучот за високата разлика на крајот од натпреварот од седум голови или 30-23.

Најефикасни во домашната екипа беа Манасков, Андоновски, Трајковски, Јовчевски иАлександар Василески со по 4 голови. Во составот на Струга најрасположен беше Кузманоски со 8 погодоци, додека Трпчевскиго следеше со 5.