Пролет беше на чекор од сензација против Металург, но…

Во меч со возбудувања до последната секунда екипите на Пролет и Металург одиграа нерешено 26:26 при што е тешко да се процени кој може да биде задоволен, а кој разочаран од овој резултат. Според играта во финишот Пролет беше тимот кој покажа повеќе, а Металург дефинитивно слабости бидејќи домашните одиграа цела средба со еден голман и осум ракометари така што ова е тежок удар за тимот од Автокоманда.

Според тоа како почна средбата се чинеше дека Металург нема да има проблеми да дојде до победа. Средбата беше отворена со 4:1 и овие три гола најавуваа продолжение во кое гостите требаше да го чуваат водството.

Сепак, при 4:8, Матлиески побара тајм-аут и тука работите почнаа да се менуваат. Домаѓшните заиграа многу поцврсто во одбраната и тоа им даваше простор за игра во нападот така што почнаа да се враќаат во ритам. Во 20. минута стигнаа до 11:11 така што тука комлетно се вратија во мечот.

Иако дојдоа до нерешен резултат, во завршните моменти од првиот дел не беше зачувана предноста, па до крајот на првото полувреме гостите се вратија на плус два и на одмор заминаа со 15:13.

Само што почна вториот дел се виде дека ова ќе биде возбудлив дуел. Одбраната беше таа што им даваше на ракометарите на Пролет елан во играта, додека Металург иако тешко се снаоѓаше во нападот успеваше да остане во позитива.

Во 38. минута беше обезбедено ново израмнување од 17:17 и тука мечот тргна во неизвесност. На секоја предност на Металург од Пролет имаа одговор. Прво пет минути немаше гол, а потоа беше 17:19. За брзо одново 19:19. Пролет имаше шанси и да поведе првпат на овој меч, но никако не можеше да се реализира.

Така беше сè до 57. минута кога со голот на Ласко Андоновски, тимот на  Пролет успеда го направи чекорот напред односно да дојде до реализација за прво водство од 24:23. На овој резултат, Кизиќ успеа да запре удар, а во следниот напад Пролет доби удар од седум метри. Мајнов беше егзекутор за 25:23 на 90 секунди до крај.

Аларов беше исклучен на минута до крај, а Танкоски брзо реализираше за 25:24. Металург заигра пресинг и брзо пресече, а Јагуриновски беше фаулиран поради што Андоновски доби две минути.  Чантурија реализира за 25:25, а Матлиески побара тајм-аут на 15 секунди до крај.

Во овие 15 секунди се случуваше драма. Поповски претрча сам од центарот до шест метри и погоди за ново водство. Пролет ерализираше со четири играчи, но Иракли Кбилашвили набрзина врати, па на крај бодовите беа поделени.

ПРОЛЕТ – МЕТАЛУРГ    26:26 (13:15)

Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Гледачи: 200. Судии: Димитар Митревски и Благојче Тодоровски од Битола. Делегат: Камер Металари од Скопје.

ПРОЛЕТ: Кизиќ, Коруновски, Кристо, Василевски 7, Аларов 2, Поповски 2, Давитковски, Матовски, Манев, Додевски, Гроздановски, Андоновски 7, Џонов 6, Мајнов 2, Дамчевски, Стојановски.

Седмерци: 1/1, Исклучувања: 12 мин.

МЕТАЛУРГ: Дупјачанец, Ѓорѓески, Кондев, Јагуриновски 3, Поповиќ 3, Пецаковски, Шилегов 5, Танкоски 4, Мариќ 1, Серафимов 3, Лазаревски, Младеновиќ, Чантурија 2, Кбилашвили 3, Додиќ 2, Арсеновски.

Седмерци: 0/2, Исклучувања: 6 мин.