Продолжува шпанската серија: Борац – Раководството на СЕХА ја замајува јавноста!

Босанскиот шампион Борац од Бања Лука не доби место во елитното регионално натпреварување. Раководството на СЕХА лигата одлучи наредната сезона наместо босански преставник да внесе уште еден преставник од Србија, Динамо Панчево.

Токму затоа раководството на тимот од Бања Лука преку соопштение вели дека во најмала рака е огорчен со одлуката на раководството на СЕХА лигата да го изостави од листата учесници за наредната година, иако им било ветено дека ќе бидат дел од регионалното натпреварување.

Директорот на СЕХА Лигата, Синиша Остојиќ, ги објасни причините поради кои Борац остана без учество во новата сезона во регионалното натпреварување. Сега на ред повторно е клубот, кој објави ново соопштение, во кое меѓудругото се вели:

„Ракометниот клуб Борац ги отфрла сите образложенија на СЕХА Лигата дека не сме можеле да обезбедиме гаранција за преноси на натпреварите во висока резолуција и дека тоа е една од причините што нашиот клуб нема да биде во натпреварувањето оваа сезона. Со цел за објективно и вистинско информирање на јавноста, потсетуваме дека вакво барање од раководството на СЕХА лигата добивме само усно, а ние и усно и писмено ги известивме дека сме во можност да го исполниме тој услов, и во меѓувреме договоривме преноси од сите мечеви кои би се играле во Бања Лука, со компанијата ААП Електрик, која има големо искуство со вакви преноси.

Друга причина која е официјално наведена од раководството на СЕХА дека Босна и Херцеговина не е „интересен пазар“ и дека Србија со многу повеќе жители делува поинтересно, па Арена Спорт поради тоа не е заинтересирана за преноси од Бања Лука.

Очигледно е, овие две причини се контрадикторни. Зошто е побарано да обезбедиме преноси во висока резолуција, ако телевизијата која ги има правата за натпреварите од СЕХА, не е воопшто заинтересирана за преноси од Бања Лука, односно Босна и Херцеговина?

Ако веќе се наведува и комерцијалната страна, нејасно е како генералниот спонзор на оваа лига, Газпром, нема интерес за најдобриот тим од БиХ да игра во лигата, со оглед на тоа дека голем број продажни објекти се наоѓаат ширум државата, а ќе играат тимови од држави каде рускиот гигант воошто нема претставништва.

Сите овие причини уште еднаш потврдуваат дека причините за изоставувањето на Борац треба да се бараат надвор од спортскиот терен. Односно, тоа е резултат на интереси на поединци кои се ставија над општиот интерес, како и над ракометот, односно спортот во целина на ова подрачје. Во најмала рака несериозно е една „сериозна“ лига и организација да се обиде на ваков начин да најде оправдување за изостувањето на босанскиот шампион и еден од најтрофејните спортски колективи од поранешна Југославија и да ја замајува јавноста.

Поради тоа, подобро е раководството на СЕХА Лигата јасно да каже дека причина за тоа што Борац нема да игра е директно поврзана со поединец од Ракометниот Сојуз на Србија, па на штета на Босна и Херцеговина, во наредната сезона ќе играат две екипи од Србија.“