Прилеп со нов голман уште на стартот против Бутел – Алушовски застанува „меѓу стативите“

На само два дена до првиот меч во Супер лигата во кој тимот на Прилеп гостува кај составот на Бутел Скопје, прилепчани најдоа голман кој треба да донесе квалитет плус на теренот. Екипата се засили со играчот кој лани бранеше за Металург јуниор, а сезонава беше најавен како засилување на Цемс.

Дарио Алушовски ќе биде голман на Прилеп во новата сезона и од него се очекува да помогне на екипата во битката за што подобар пласман и бегство од опасната зона.

Алушовски има 21 година, но се работи за голман кој веќе има играно за Металург, Работнички, Металург јуниор… и сигурно ќе биде засилување на прилепчани во сезоната во која се прави обид за стабилност.

Ова беше брза реакција на клубот за наоѓање на голман бидејќи пред само неколку дена тренерот Пеце Велјаноски за 24 Ракомет изјави дека на екипата и се потребни голман и десен бек за да има комплетен ростер за новата сезона.