Прилепчани се подновија со ракометари од Пелистер и Работник, плус српски интернационалец

Иако е ослабен за најдобриот играч и стрелец од лани, сепак тимот на Прилеп се очекува претстојната сезона да биде минимум на нивото од лани, ако не и подобар. Покрај заминувањто на Теимураз Орјоникидѕе, кој се пресели во Пелистер, замина и голманот Огнен Трајковски, кој ќе брани за новиот прволигаш Бутел Скопје.

Нов играч во тимот каде сега лидерската улога ќе ја има искусниот среден бек Јане Јанчев, ќе биде младиот српски интернационалец Лука Карановиќ кој има 19, а доаѓа од унгарскиот шампионат, од екипата на Цегледи, каде играше со новиот ракометар на Металург, Божо Анѓелиќ. Се работи за бек со одлични физички предиспозиции (207 цм, 110 кг).

Домашните засилувања доаѓаат од соседна Битола. Десното крило Пеце Рајатоски, кој си замина од Пелистер е нов ракометар на Прилеп, а од другиот битолски суперлигаш, Еурофарм Работник, доаѓа и голманот Мартин Јовановски. Се очекува до стартот на турнирот „Миле Нешкоски“ следниот викенд, прилепчани да се комплетираат со уште минимум еден бек.