Пред четврт-финалето на ЛШ: ЕХФ го гледа Вардар како носител на бронза во Келн

ЕХФ преку својата мрежа на новинари кои работат го направи последното рангирање на екипите што стигнаа до самиот крај пред пласманот на Ф4 во Келн. На ова рангирање за првпат Вардар е ставен во групата на тимови што не само што сигурно би требало да играат на завршниот турнир, туку и се предвидува дека ќе го освои бронзениот медал.

Ова е првпат Вардар да биде на така високо трето место во рангирањето, а досега двапати беше рангиран како четвртопласиран.

Рангирањето се прави врз база на последните резултати и моментната форма на тимот. А тука Вардар има голем напредок бидејќи пред десетина дена триумфираше во СЕХА лигата, и тоа во конкуренција на четири тимови што сезонава играа во Топ-16 фазата, а Веспрем е исто така учесник во четврт-финалето на ЛШ.

Во објаснувањето при правењето на ова рангирање за Вардар се вели: „Четврта среќа? Најмалку што верува гордиот град Скопје е дека е доволно од четвртфиналиња. Досега четирипати стигнуваа до четврт-финале, но никогаш во Келн. Женскиот тим тоа веќе го постигна, но играчите на Раул Гонзалез мора да се сретнат но нивниот дух од минатото, со Флензбург кој го победи Вардар по неверојатен четвртфинален меч. Овојпат македонскиот тим е фаворит за пласман во Келн. Вардар победи во својата група, и го прескокна осминафиналето и имаа време да се подготват за Ф4 турнирот на СЕХА лигата, каде ја покажаа силата победувајќи го Веспрем. Тие имаат тенденција да потфрлат во важни натпревари, но ова е најсилниот Вардар досега, се вели во објаснувањето.

На ранг листата на првото место е Барселона, пред ПСЖ, Вардар и Веспрем.
Потоа следуваат:
Флезбург
ПИК Сегед
Монпелје
Кил