Пред неполн месец на дуел со Вардар ја заврши кариерата, а веќе го најавуваат како селектор на Унгарија

Репрезентацијата на Унгарија го освои првото место во Групата 7 во квалификациите за Европското првенство во 2020 година, а пред ждрепката која ќе се одржи на 28 јуни се најде во вториот шешир каде што е и Македонија. Ова значи дека Унгарците не се во комбинација да бидат противници на Македонија.

Иако селекторскиот двоец Иштван Чокнаи и Владан Матиќ, дојде до успех и ја однесе селекцијата на ново првенство, нема да го задржи своето место туку ќе има промени, а веќе е најавено дека таму ќе седнат легендата на ракометот во Унгарија, Ласло Наѓ и Чема Родригез, кој му беше соиграч во редовите на Веспрем.

Овие најави сè уште не се потврдени, но големи се шансите во следните денови да биде објавено дека Наѓ и Чема седнуваат на клупата на Унгарија. Нивната комбинација и искуство би требало многу да придонесат за унапредување на квалитетот на репрезентацијата. Можно е и стилот да се промени во шпански бидејќи Наѓ беше долго во Барселона како играч, а и Родригез е Шпанец.