Прв триумф на европскиот првак: Вардарци ги наместија нишанските справи и настрада Гумерзбах

Во третиот контролен натпревар во новата сезона Вардар конечно одигра добар меч во сите 60 минути, а она што го пропуштија на првите два сега го надополнија против Гумерзбах кој беше поразен со 37-26 (18-11).
Вардар го освои третото место на турнирот и сега ќе се подготвува за настапот на Супер Глоуб во Катар.

Само во почетните десетина минути од натпреварот Гумерзбах беше рамноправен, а потоа целата иницијатива ја презедоа „црвено-црните“. Вуко Борозан беше расположен за шутирање, а противничкиот голман тешко ги бранеше тие топовски шутеви. Црногорецот во првото полувреме постигна осум гола.

Тренерот Раул Гонзалез повторно им даде шанса речиси на сите да играат, а откако Вардар направи предност од „плус 10“, (28-18) тогаш во игра влегоа и Тоше Ончев и Мартин Поповски, а како плејмејкер во второт полувреме играше и Јања Војводиќ. На голот беше Даниел Ѓорѓески.

И на овој меч вардарци играа без Недановски, Милиќ и Циндриќ.