ПСЖ преку Нант до титула во Лига Купот

Во денешното финале тимот на ПСЖ го совлада Нант со 31:27 и за прв пат во својата историја го освои Лига Купот. Почетокот на средбата беше во корист на екипата на Нант која предводена од Оливиер Њукас (6 постигнати погодоци)  го диктираше темпото. Нант стигна до 3 голови разлика во 13 минута (7:10), но силниот ПСЖ ја демонстрираше својата моќ и поведе со 1 гол разлика во 20 минута (12:11). Концентрираната игра на двете екипи им овозможи на пауза да заминат со израмнет резултат (16:16).

Второто полувреме беше спротивно од првото, соиграчите на Никола Карабатиќ (7 постигнати погодоци) со колективната игра стигнаа до позитива од +3 во 34 минута (20:17). Нант се обиде да се врати во натпреварот, но избраниците на Нока Сердарушиќ останаа мирни.  Четирите голови разлика во 50 минута (27:23) им овозможија на парижаните рутинска завршница во која Недим Ремили уште еднаш ги демонстрираше своите квалитети. До крајот уште по четири голови на двете страни за конечни 31:27. Најпрецизен на теренот беше Недим Ремили со 8 погодоци а веднаш по него следеше Оливиер Њукас со 6 постигнати погодоци.

Светислав Трајановски/Д.А.