Првата ѕвезда на Тунис се сели во Втората лига на Франција

Ниту шампионот на Шпанија, ниту Фуксе Берлин не го сакаат во своите редови најдобриот ракометар на Тунис, па тој е ставен во тешка позиција и најверојатно ќе заврши во Втората лига на Франција.

Ваел Жалуз откако го напушти Кил по само една сезона и се пресели во Барселона стана еден од главните играчи во одбраната. Имаше забележителни партии и договорот му беше продолжен до 2021 година. Но одеднаш во Барселона престанаа да сметаат на него, а како главни причини се повредите и хроничната инфекција на окото. Беше испратен на позајмица во Берлин за да ја поправи формата,  но и таму настапуваше безуспешно.

Можно е уште во јануари Ваел Жалуз да се приклучи на екипата на Шарт. Тие би сакале да позајмат играч во одбраната кој би помогнал за промоција на тимот во Првата лига на Франција. Единствена пречка засега е превисоката плата која би требало да ја издвои Шарт за репрезентативецот на Тунис.

Клубот е заинтересиран за соработка до крајот на сезоната, а доколку изборат пласман во првата лига би следеле преговори за нов договор. Во овој момент Шарт е на водечката позиција на табелата.