ППД Загреб нуди „трошки“ за Јагањац, Металург не сака да чуе

Левиот бек на екипата на Металург, Халил Јагањац е одново интересен на трансфер пазарот, а тимот кој притиска за да го добие во своите редови е шампионот на Хрватска, ППД Загреб. Овој клуб има потреба од добар лев бек, кој е и млад, па изборот пад на репрезентативецот кој е дел од таборот на металурзите.

Проблемот, сепак, е сумата која од Загреб се подготвени да ја платат за неговиот ангажман. Хрватскиот првак нуди 100.000 евра, а тоа е премала сума за Металург да се одлучи да го продаде ракометарот кој лани беше најефикасен во СЕХА лигата.

Од информациите до кои доаѓа 24Ракомет овие 100.000 евра би требало да легнат на сметката на Металург на етапи во следните три години. Неофицијално Металург бара повеќе, но нема точна информација која е сумата за која во Автокоманда се подготвени да го ослободат Јагањац.

Засега е јасно дека во Загреб имаат една недела да одлучат дали ќе ги прифатат барањата на Металург. Доколку нема договор тогаш Јагањац останува дел од Металург и продолжува со вицешампионот на Македонија и во новата сезона.