По само 29 дена се укина ракометниот ВАР систем!

Данската ракометна федерација по неполн месец го објави крајот на користењето на ракометниот ВАР систем, кој беше воведен пред стартот на новата сезона.

Популарниот „челинџ“ е укинат по многубројните жалби од клубовите и поради тренерите кои во неколку наврати го злоупотребија овој систем.

Прекинот на играта траеше предолго, се нарушуваше ритамот на ракометарите и ракометарките, гледачите немаа увид во тоа што го гледаат судиите во „црната“ кутија…сите овие фактори допринесоа данската федерација да го укине ВАР системот.

Иако првично беше договорено тест периодот да биде продолжен до ноември, сепак беше исклучен од употреба многу порано, па ракометот ќе мора да почека да се приклучи на фудбалот, кошарката и одбојката, како спортови кои успешно го спроведуваат овој начин на решавање на спорни ситуации.