По лошото издание во Купот: Голужа сменет, Каменица веднаш ја превзема екипата

Хрватскиот шампион ППД Загреб викендов успешно ја одбрани титулата во Купот на Хрватска, но на славјето му претходеше драма во која пречката ги спаси „плинарите“ од пораз. Нексе од дуелот со далеку поквалитетниот противник и редовен учесник во Лигата на шампионите Загреб сепак излезе како губитник по изведување на пенали.

Поради лошата форма и поразите во регионалното натпреварување од Вардар и Мешков, од функцијата привремен тренер е сменет Славко Голужа, а како четврти предводник на Загреб за оваа сезона е назначен Касим Каменица.

Босанскиот стратег веќе беше промовиран како нов тренер на „плинарите“ од наредната сезона, но загрижувачките резултати беа знак за претпазливост кај управата на клубот. Нексе покажа заби и ја направи завршницата во националната лига поинтересна, затоа во последните пет кола од регуларниот шампионат Загреб ќе го предводи Каменица со единствена цел, одржување на реномето во ракометна Европа и освојување на националниот шампионат.

„Иако сме свесни дека на сериозен и голем клуб како ППД Загреб не му прилега да направи и трета смена на тренерите за една сезона, во преостанатите пет кола од Премиер лигата за првак на ракометното првенство на Хрватска, првата екипа на ракометниот клуб ППД Загреб ќе ја води тренерот Касим Каменица.“- стои во краткото соопштение од клубот.

Загреб сезоната ја започна со Вујовиќ, потоа во ноември клубот го превзема Силвијо Ивандија, а по неговиот отказ како привремено решение на клупата седна Славко Голужа кој пак од јуни заминува на клупата на Татран Прешов.