Почна трката со Веспрем, Барса, ПСЖ…Вардар со понуда за Блаж Јанц!

Словенечкиот интернационалец Блаж Јанц ја игра втората сезона во редовите на полскиот шампион Келце и стана еден од носителите на играта во тимот на Талант Душебаев.

Сопственикот на Келце, Бертус Сервас најави дека ќе му понуди нов договор на Јанц, но тоа не е сигурно поради финансиските проблеми со кои се соочува.

„Јас веќе имав првични разговори со Блаж. Конкретна понуда ќе му дадам кога ќе обезбедам нови спонзори, за да знам колку ќе можам да си дозволам. Мислам дека се ќе знае на крајот на следниот месец“, вели Сервас.

Тој потпиша тригодишен договор со Келце до 2020 година, но Келце може да го продаде и да заработи од оштета. Полските медиуми веќе известуваат за заинтересираните клубови за услугите на словенечкото десно крило, што може да игра и како десен бек.

Македонскиот шампион Вардар е на листата на заинтересирани клубови, заедно со великаните како ПСЖ, Веспрем, Кил и Барселона. Дали Јанц предвреме ќе си замине од Келце или пак ќе остане да ја доработи и последната година од договорот останува да видиме следниот месец.