Почна потрагата по десно крило: Анте Токиќ на радарот на Металург

Десното крило од Хрватска, Анте Токиќ, е најновото име на листата можни засилувања за македонскиот вицепрвак Металург. Тимот предводен од Червар се обидува да направи конкурентен тим за настапите во Лигата на шампионите и во СЕХА Лигата, па направени се почетните разговори за евентуален транфер на Токиќ во Автокоманда.

Откако Никола Костески си замина од Металург, на позицијата десно крило, Червар остана само со Александар Гуглета и со младинскиот репрезентативец Мице Шилегов, па Хрватот сака да донесе трет ракометар. Токиќ, кој има 24 години е поранешен кадетски и младински репрезентативец на Хрватска, а сега е слободен ракометар откако му заврши договорот со ГРК Вараждин, каде пред две сезони играше заедно со поранешниот играч на Металург, Мартин Марчец.

Покрај младите Димитриоски, Лазаревски, Шилегов и Танкоски, кои доаѓаат од Металург 2, повратник во екипата на Металург е Дарко Димитриевски, кој по една нецела сезона се враќа во Автокоманда, а нов двегодишен договор потпиша и пикерот Жарко Пешевски кој има одлична сезона зад себе. Голманот Никола Даниловски исто така се врати во матичниот клуб по две сезони минати во Пелистер. Нови едногодишни договори потпишаа голманот Дарко Арсиќ, левото крило Вања Илиќ, како и десното крило Александар Гуглета.

Од странските ракометари, на чекор до потпис се двајца, Словенецот Јануш Лапајне од францускиот ПСЖ  и српскиот ракометар Лука Стојановиќ од чешкиот Талент Плзен, а Црногорецот Божо Анѓелиќ од унгарскиот Цегледи, веќе го стави својот потпис.

Во изминатиот период неколку ракометари ги напуштија редовите на Металург. Официјално, соработката е прекината со Никола Костески, Мартин Марчец, Немања Младеновиќ, Горан Печенковски, Амин Јусуфинеџад и со Предраг Вејин.

2 Responses

  1. На повидок ново засилување од ПСЖ? Металург сè уште се бори за Халил Јагањац | 24 РАКОМЕТ

    […] транфер на Јагањац, се очекува потврда на доаѓањето на десното крило Анте Токиќ од Вараждин, со кој 99% ќе има договор. Од странските […]

  2. ОФИЦИЈАЛНО: Металург најде замена за Костески | 24 РАКОМЕТ

    […] вицепрвак изборот го направи во Хрватска, а како што пишуваше 24Ракомет младиот Анте Токиќ остави најголем впечаток кај […]