Почна новата сезона: Металурзите се испотија против колегите од вториот тим

Сосема очекувано првиот состав на Металург дојде до победа против вториот состав, но во меч во кој имаше голема борбеност во текот на сите 60 минути. Вториот тим докажа дека мора да се игра 60 минути на максимум за да се обезбеди триумф, а тоа се виде најдобро после 22 минути игра, кога резултатот беше 10:10.

Претходно првиот состав беше во постојана предност од 3-4 гола, но неколку минути беа доволни за помладите момци да се изборат за нерешен резултат и да ги натераат колегите од првиот тим да го кренат нивото на играта.

Набрзина разликата беше зголемена, а за осум минути во финишот на првото полувреме беа постингати десет гола и примени два со што се дојде до 20:12 на полувреме.

Во вториот дел разликата постојано беше околу онаа што ја имаа обезбедено на пауза, а во финишот ракометарите од вториот тим одново засилија и се изборија за вкупно 30 гола на овој меч. Иако загубија покажаа дека имаат квалитет за настап во Супер лигата и дека сезонава секој што ќе игра против ниво особено во Автокоманда нема да мине лесно.

МЕТАЛУРГ 2 – МЕТАЛУРГ           30:37 (12:20)

Сала: Автокоманда во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Александар Вукашиновски и Мирко Трајковски од Скопје. Делегат: Камер Металари од Скопје.

МЕТАЛУРГ 2: Василевски 1, Божиновски, Мелоски 1, Кофиловски 10, Савковиќ 3, Николовски 6, Митиќ 4, Мирчевски, Ристовски 1, Георгиевски, Љубевски, Танев, Стојановиќ 4, Гајиќ, Додиќ, Ефтимов.

Седмерци: 6/6, Исклучувања: 16 мин.

МЕТАЛУРГ: Дупјачанец, Ѓорѓески, Мијатовиќ, Кондев 7, Јагуриновски 7, Поповиќ 8, Шилегов 4, Серафимов  5, Лазаревски, Младеновиќ, Чантурија 1, Додиќ 5, Арсеновски.

Седмерци: 4/5, Исклучувања: 10 мин.