Потреси во хрватскиот првак: Загреб ги казни сите играчи!

Хрватскиот шампион Загреб сезонава смени четири тренери. По Вујовиќ, Ивандија и Голужа, на клупата седна и Касим Каменица. Иако сезонава Загреб ќе сака што побрзо да ја заборави, сепак ќе остане запаметена по тренерските смени.

Загреб на Ф4 во Умаг го освои хрватскиот Куп, а Каменица ќе има многу повеќе работа отколку што мислеше кога дојде. Иако требаше од новата сезона, сепак тој седна на клупата веднаш, бидејќи очигледно дека односот на Голужа и играчите не беше идеален, а тоа се гледаше и на теренот.

Не е познато што се случило меѓу полуфиналниот и финалниот меч во составот на Загреб. Но самиот факт што досегашниот капитен Златко Хорват е сменет со Игор Вори, покажува дека нешто не штима. Исто така, против осуммина играчи е покрената дисцилинска постапка, додека сите ќе бидат казнети поради општа недисциплина.

Хрватските медиуми шпекулираат дека ноќта во саботата према неделата, сите ракометари лудувале низ ноќните локали во Умаг. За потсетување, Загреб во неделата едвај го победи Нексе во финалето по изведувањето на пеналите.

Сепак сезоната не е завршена, „плинарите“ ги чекаат уште пет дуели од разигрувањето за титулата, а ќе имаат и гостување во Нашице. Што ќе биде следната сезона, рано е да се каже, но за очекување е дека ќе има голем ремонт во играчкиот кадар.