Последна шанса за Металург: Плати на рати за да нема затворени врати

Екипата на Металург в среда го игра мечот од 2. коло во СЕХА-лигата против Мешков Брест во Белорусија, но потоа ќе следуваат потешките моменти бидејќи доаѓаат дуели на домашен терен и тоа два на 9 и 19 септември во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Проблемите со долговите кон салата и понатаму се актуелни, но постои можност за решение на работите. Долгот ќе треба да биде подмирен на две рати, а едната од нив ќе мора да биде платена веднаш после натпреварот против Нексе кој е закажан за 9 септември.

Доколку после ова работите не мрднат од мртва точка тогаш работите одново ќе бидат актуелизирани и проблемите околу играњето на натпреварите на домашен терен ќе станат тема на дневен ред во Металург.

Засега е јасно дека Металург гостува во Белорусија, а потоа ќе игра дома против тимот на Нексе исто така во СЕХА-лигата. После ова доаѓа гостување во Португалија кај Спортинг, но на 19 септември во Скопје гостува составот на Извиѓач. Е тогаш ќе мора една рата да биде уплатена на сметката на салата за да нема проблеми околу одигрувањето на таа средба и потоа на следните и во СЕХА и во Лигата на шампионите.

Информациите велат дека долгот за користење на салата изнесува над 15.000 евра. Ова не е мала сума и затоа и на две рати нема да биде лесно така брзо да се плати, па останува да се види како ќе биде разрешена цела ситуација.

Сали кои исполнуваат услови за натпревари од СЕХА лигата се и СЦ „Јане Сандански“ и СРЦ „Кале“, додека средби од Лигата на шампионите може да се играат единствено уште во СЦ „Јане Сандански“. Оттаму нема да им биде лесно на „металурзите“ и ќе мора да се снајдат во брзо време за да успеат непречено да ги одиграат средбите од СЕХА и од ЛШ.