Последната минута го остави Вардар на последното место во Стразбур

Во далеку подобра игра отколку против екипата на Мешков Брест, Вардар претрпе пораз од составот на Нант со 27:29. Во текот на целата средба имаше надигрувањ, а нијанси пресудија кој ќе дојде до победата на овој дуел. Тоа беше пресметка за 5. место, па Вардар заврши на последната позиција на турнирот во Стразбур.

Средбата тргна со два гола за Нант, но Вардар брзо успеа да се врати и да го израмни резултатот. Играта продолжи со неизвесност, но после 2:3 следуваше серија на „црвено-црните“ и водство од 5:3.

Веќе во 12. минута Вардар дојде до 8:4 и тука се чинеше дека го има скршено отпорот на противникот. Сепак, четири минути подоцна дојде до нерешени 8:8 и сè почна одново. Сепак, Вардар имаше контрола и беше во водство. Успеа да остане постојано на гол до два предност, па таквата игра ја чуваше до крајот на првиот дел кој го реши во своја корист со 15:14.

Во мовој дел од средбата Милосављев успеа да собере 11 одбрани, а прв стрелец беше Кристопанс со четири гола.

Продолжението донесе нови возбудувања. Постојано имаше резултатска тензија. И Нант и Вардар имаа свои моменти и предност, но не успеаја да направат поголема предност. Останаа во неизвесност во текот на вторите 30 минути и беше јасно дека овој дуел ќе биде одлучен со само еден погодок.

Во последната минута од средбата се влезе со нерешени 27:27. Нант на 30 секунди до крајот имаше тајм-аут, а на 15 секунди пред истекот на времето постигна гол за предност од 28:27. Парондо веднаш побара тајм-аут за да ги советува ракометарите да се обидат да дојдат до реми. Сепак, место гол за реми, на крајот Нант успеа да казни и со 29:27 да го добие овој натпревар.

Ова беше пораз за Вардар кој го остави на последното 6. место на турнирот, но денеска играта беше далеку подобра отколку вчера против тимот на Мешков Брест.