Поранешниот бек на Металург, Жарко Марковиќ е големото засилување на Загреб

Поранешниот член на Металург, а сега десен бек на репрезентацијата на Катар, Жарко Марковиќ е новото засилување за тимот на ППД Загреб пред почетокот на натпреварите од Лигата на шампионите. Додека тимот се подготвува за средбата од СЕХА-лигата, стигна веста дека Марковиќ го засили тимот така што екипата добива искусен играч кој има 31 година, а досега настапуваше за Веспрем, Металург, Гепинген, Хамбург и Ел Џаиш.

До 2012 година Марковиќ играше за репрезентацијата на Црна Гора, а потоа го прифати предизвикот од Катар, па со оваа репрезентација го освои сребрениот медал на Светското првенство во 2015 година.

Се работи за играч кој игра во двата правци, а со оглед на тоа што има 203 сантиметри ќе биде од голема корист за тимот на Касим Каменица. Дебито се очекува на гостувањето кај Кристијанштад во Шведска во 1. коло од Лигата на шампионите.