Поранешен член на Сиудад Реал пред потпис со Еурофарм Работник!

Некогашниот голем талент на украинскиот ракомет, Олександар Шевелев, е пред потпис со македонскиот вицепрвак Еурофарм Работник. Станува збор за поранешен соиграч на Кире Лазаров од шпанскиот Сиудад Реал, кој има 31 година, но се уште го нема покажано сиот потенција за кој многу ракометни експерти претпоставуваа дека го поседува.

„Шевелев веќе е во Битола, ќе се појави на првиот тренинг на нашата екипа, но се уште нема потпишано договор. Ќе видиме како ќе се одвива ситуацијата со него и врз основа на тоа ќе одлучиме дали ќе оствариме соработка во следните неколку дена“, информираат од клубот.

Украинскиот пивотмен има одлични физички предиспозиции, најчесто игра во одбраната, а потекнува од составот на Портовик Јужњи. На 21 година започнува интернационална кариера, во рускиот тим Зарија Каспија, потоа една сезона беше член на гигантот Сидуад Реал, а играше и за белорускиот тим Динамо Минск.

Пет сезони настапуваше за Мотор Запорожје, од кои во последните две најчесто не беше во ростерот, што поради повреди, што поради лоша форма. Дел од последната година мина во украинскиот Донбас, каде на четири меча во Челинџ Купот не постигна ниту еден гол, а среде сезона замина во катарскиот шампионат.

Еурофарм Работник на пивотменската позиција ги има Никола Маркоски и Елмир Граџан, но сезоната во Лигата на шампионите и во регионалната СЕХА лига ќе биде долга и исцрпувачка, па нема да биде на одмет да се има и поширок ростер. Досега Еурофарм Работник се засили со Вегар, Јотиќ, Ратајец, Митревски, Маџовски и Велковски, а од минатата година дури осум ракометари ја продолжија соработката.