Поранешен вардарец го засилува Горење

Црногорскиот репрезентативец, Жарко Пејовиќ, кој настапува во францускиот Данкерк, од лето ќе биде дел од словенечкиот вицепрвак Горење. Тимот од Велење следната сезона ќе биде предводен од хрватскиот стратег Жељко Бабиќ, кој веќе започна со формирање на екипата и ќе се обиде да му ги замрси сметките на Целје Пивоварна Лашко.

Пејовиќ настапуваше за Вардар во сезоната 2010/11, кога тренер беше Веселин Вујовиќ и кога македонскиот првак играше во Купот на ЕХФ. Потоа замина во Татран Прешов, а претходно беше дел од Црвена Ѕвезда, Вест Виен од Австрија и Будуќност Подгорица.

Во Горење би требало да биде замена за Србинот Лука Митровиќ, со кој нема да биде продолжен договорот, а во словенечкиот тим покрај Пејовиќ, најверојатно ќе се пресели и Јан Гребенц од Рибница. Тимот од Велење покажа заинтересираност и за десниот бек на Металург, Предраг Вејин, до кој има доставено понуда, но се уште нема информација дали таа е прифатена.