Пораз за крај на сезоната: Металург одигра добри 40 минути, но загуби од Спортинг

Металург ја заврши сезоната во Лигата на шампионите со пораз, кој може да ги симне и на последното место во групата Д. Спортинг денеска ги совлада „металурзите“ со 31:27 во меч во кој тимот од Скопје имаше свои моменти и шанси, но не и трпеливост и издржливост во текот на сите 60 минути.

Вториот тим од Македонија во Лигата на шампионите тргна силно и поведе со 5:1. Меѓутоа она што беше направено на стартот од средбата беше уништено во продолжението кога Спортинг успеа да стигне и во 18. минута да израмни на 6:6 што беше најава за поинтересно продолжение во натпреварот.

За само две минути, Спортинг ги сврте работите во своја корист и успеа да поведе со 8:7, па успеа и да поведе со два гола разлика, 11:9. Сепак, тука дојде до будење на „металурзите“ кои успеаја да се вратат во ритам и дојдоа до шест гола до крајот на полувремето, а притоа примија само еден. На одмор заминаа со 12:15.

Второто полувреме тргна со нешто подобра игра на Металург, кој успеа да се одржи во предност. Сепак, последен пат водеше со 19:17. Тука следуваше серија од 4:0 за Спортинг, па откако Португалците поведоа со 21:19 до крајот на мечот имаа контрола. Металург израмни на 22:22, но тоа беше сè бидејќи до крајот на средбата домашните откако поведоа само ја зголемуваа предноста која им овозможи во финишот да ги чуваат бодовите.

Илиќ со шест и Кумановски со пет гола беа најефикасните во Металург, додека Карол и Руесга од Спортинг беа најпрецизни на мечот со по седум погодоци.