Поповски: Навивачите ни поставуваат високи цели, но ние ќе одиме чекор по чекор

Машката ракометна репрезентација утре го започнува настапот на шестиот Мундијал во историјата. По Египет 1999, Хрватска 2009, Шпанија 2013, Катар 2015, Франција 2017, следува Германија и Данска. Селекторот Раул Гонзалес во Минхен има на располагање 17 ракометари, меѓу кои е десното крило Мартин Поповски. Тој смета дека имаме шанси за втор круг, но треба да одиме натпревар по натпревар.

„Секогаш одиме со исти амбиции, да дадеме максимум, иако навивачите знаат да ни постават високи цели, но ние најпрво одиме да одиграме како што треба, дададеме максимум од нас, знаеме дека имаме шанси да ја поминеме групата. Потоа би била друга група, но доколку ни се пружи шанса за нешто повеќе и за олимписки квалификации сигурно нема да ја пропуштиме и ќе се бориме Сепак треба да одиме чекор по чекор, да мислиме само на мечот со Јапонија и да одиме натпревар по натпревар. Имавме тешки натпревари против Грција и Турција, но треба да ги заборавиме и со ладни да продолжиме да играме. Доколку победиме, понатаму ќе биде се полесно. Работа е на селекторот колку ќе играм, сега имам улога и во одбраната. Колку и да играм, ќе го дадам најдоброто од мене“, вели Поповски.

Македонија утре го игра првиот натпревар против Јапонија со почеток во 15:30 часот во „Олимпија Хале“ во Минхен, а во првото коло од нашата група ќе се сретнат Шпанија – Бахреин и Хрватска – Исланд.