Поповиќ: Металург ми даде понуда што не можев да ја одбијам

Прво засилување за тимот на Металург во новата сезона ќе биде црногорскиот репрезентативец Милан Поповиќ. Тој беше меѓу најдобрите стрелци на Пелистер во минатата година, но реши да си замине од Битола.

„Добив понуда од Металург што не можев да ја одбијам. Презадоволен сум од нивниот однос и големиот професионализам, па лесно се договоривме. Металург е тим со долга традиција и за мене претставува голем предизвик. Амбициите на клубот не се намалени, тоа и мене ми е важно. Задоволство ми е што ќе го облечам дресот на Металург, но имам обврски да ги оправдам нивните очекувања. Повеќе од задоволен сум од престојот во Македонија, ми годи овде“, вели Поповиќ.

Почетокот на подготовките на Металург ќе биде почеток на август, а тимот од Автокоманда веќе ги најави турнирите во Кањижа и во Москва.