Полина Кузнецова е новото име во составот на Вардар (ВИДЕО)

Левото крило во четата на Трефилов од септември ќе ги брани боите на македонскиот првак и европски вицепрвак Вардар. Како што официјално објави ракометниот сојуз на Русија, искусната руска ракометарка Полина Кузнецова потпиша двегодишен договор со скопскиот тим.

Кузнецова во својата изјава потенцираше дека е задоволна што за свое прво интернационално искуство го избрала Вардар, професионален клуб со високи амбиции.

Потпишав договор со Вардар на две години. Долго чекав да се обидам во некој европски клуб надвор од Русија и навистина сум среќна што ќе играм за професионален клуб како Вардар. Навистина се надевам дека преку настапите во Вардар ќе достигнам ново ниво.- истакна Кузнецова.

Во Скопје ќе допатува како слободен играч од Краснодар каде ги бранеше боите на Кубан, тимот кој го води Евгениј Трефилов. Во декември минатата година Кузнецова заработи повреда која ја одалечи од терените долг период.

Кузнецова сè уште се опоравува од повредата и се очекува нејзината оптимална форма да ја достигне на есен. Со тоа би можела да се стави на располагање на репрезентацијата на Русија на престојното Светско првенство.

Таа на олимписките игри во Рио беше прогласена за најдобро лево крило на ракометниот турнир, a во својата богата кариера 30 годишната Кузнецова се најде во ол-стар тимот како најдобро лево крило на Светското првенство 2007 и Европското првенство 2012 година.

Освен Кузнецова, на левата крилна позиција „црвено-црните“ ќе ја имаат и македонската репрезентативка Јована Саздовска. Со тоа Вардар ги пополни испразнетите места по заминувањето на Херем и Мавсар на крајот на оваа сезона.