Подравка и Лублин во пол-позиција во квалификациите за ЛШ

Групите од главната фаза во Лигата на шампиони во женска конкуренција имаат уште две слободни места, а тие треба да бидат добиени после одигрувањето на квалификациските турнири. Ќе има два турнири и најдобрите од двата ќе се најдат во главната рунда.

Досега не беше познато каде ќе се играат, но веќе падна одлука тие да бидат на терените на Подравка и Перла Лублин. Првите средби кои ќе бидат полуфинални ќе се играат на 8 септември, а битката за третото место и финалињата ден подоцна.

Само победниците од двата турнири ќе играат директно во групната фаза. Победникот од натпреварите во Лублин ќе биде сместен во групата Д и ќе игра со ЦСМ Букурешт, Кристијансанд и ФТЦ Раил Карго од Унгарија. Додека победникот од натпреварите што ќе се одиграат во Копривница ќе биде сместен во Ц групата заедно со Ѓер, Турингер и Крим. Второпласираните и третопласираните екипи ќе ги продолжат своите европски натпреварувања во квалификациите за ЕХФ купот во третата рунда, а понископласираните тимови во втората квалификациска рунда од истото натпреварување.

Во нивната Глобус Хала, екипата на Перла Лублин ќе ги пречека италијанските шампионки Јоми Салерно, а на истиот терен силите ќе ги одмерат Битигхајм и Бера Бера. Во Франк Галовик салата во Копривница екипата на Подравка ги пречекува турските шампионки Муратпаша Беледијеси, а моменталниот освојувач на Купот на ЕХФ, Крајова ќе го бара своето место преку шампионките на Србија, ЗОРК Јагодина.