Подготвени за ждрепка: Сè е исто само Будуќност го нема

Вардар е единствената екипа која во последните години е редовна на Ф4 турнирот во Будимпешта. Ракометарките на шампионот на Македонија не пропуштија ниту еден фајнл-фор од 2014 година досега така што и сега ќе бидат на завршницата која е на 12 и 13 мај во главниот град на Унгарија.

Ждрепката ќе биде одржана денеска. Од 18 часот почнува церемонијата на која ќе бидат одредени двојките за полуфиналето, а таму се најдоа Вардар, ЧСМ Букурешт (Романија), Ѓер (Унгарија) и Ростов Дон (Русија).

Практично овде има три екипи кои трета година по ред се заедно на овој завршен турнир. Единствената новина е Ростов Дон кој го зазема местото на тимот на Будуќност.

Во минатите две сезони на турнирот играа Вардар, ЧСМ Букурешт, Ѓер и Будуќност, па сега Црногорките го оставија друштвото и нема да играат на овие натпревари со оглед на тоа што го сменија составот.

За полуфиналето ќе има ждрепка, па секој може против секого. Според тоа вардарки имаат три можни ривали и ќе биде интересно да се види каква ќе биде ждрепката за полуфиналните дуели на 12 мај, а со тоа ќе се види и какви ќе бидат шансите за пласман во финалето.