Повторно ќе биде ракометен храм: КЛ-7 ќе ја враќа салата „Расадник“ во живот

Салата „Расадник“ во Скопје која во минатото беше сведок на неколку големи настани меѓу кои беше и првото полуфинале на Вардар во КПК во сезоната 1998/99 е оставена на милост и немилост на времето и во последните години е нефункционална. Сепак, се чини дека има надежи истата да се врати и одново да стане ракометен храм.

Според информациите на 24ракомет во оваа сала би требало да дојдат екипите од школата „КЛ-7“ што работат во Скопје, а ги има неколку со различни старосни генерации . Со оглед на тоа што оваа школа работи на неколку локации низ Скопје вака би се добила можност сите да дојдат и да работат на едно место. Веќе подолго време се разговара за превземање на салата а потоа и нејзино целосно реновирање. Постои разбирање кај одговорните во државата и општината истата сала да добие нов концесионер или сопственик кој истата ќе ја врати во функција.

За да се имаат потребните услови за извршување на тренинзите, но и за играње на натпревари салата ќе мора да биде реновирана, пред се покривот, и веројатно и подот (нема паркет туку тарафлекс) и веќе постои и план и финансиери кои ќе овозможат Расадник да биде оној стариот, препознатливо по ракометниот звук на топката и играчите. Откако Вардар се префрли од Расадник во СЦ Кале, во Кисела Вода имаше неколку тимови што тука играа, пред се Работнички кој тука го оствари и влезот во Супер лигата. Но, потоа истата се користеше за други спортови и претежно за рекреација.

Инаку, КЛ-7 сезонава имаше одлични резултати. Во пионерска конкуренција тие го освоија 2. место. Кадетите триумфираа на Ф4 турнирот, додека младинците на крајот се пласираа на 3. позиција. Ова значи дека сите школи на КЛ-7 генерациски дојдоа до успех, а сега ќе се направи напор во новата сезона да се дојде до уште подобри резултати. Секако со работа на едно место односно во една сала ќе се добие многу бидејќи ќе се имаат многу термини на располагање, а воедно ќе може и сите деца да се имаат постојано под контрола на тренерите бидејќи ќе работат на едно место.