ПИК Сегед го избрка Бунтиќ и отвори место за Македа!

По низата изненадувачки порази во Лигата на шампионите од Висла Плоцк и Кристијанштад, по двата реми исхода со Будакалаш и Ѓенѓеш, како поразот од Татабања во унгарскиот шампионат, тимот на ПИК Сегед не ја чекаше репрезентативната пауза за да почне да ги реализира најавените промени.

Прв на „црната листа“ беше хрватскиот интернационалец Денис Бунтиќ. Како што дознава 24Ракомет, со десниот бек, кој имаше договор до крајот на сезоната, спогодбено е прекината соработката. Тој не беше на нивото кое го бараше тренерот Пастор и веќе си замина од Унгарија. Каде и дали ќе ја продолжи кариерата, засега останува непознато.

До крајот на сезоната ПИК Сегед ќе остане со Жолт Балог на десен бек, кој ќе го изнесе товарот на оваа чувствителна позиција, иако некои информации велат дека и Жарко Марковиќ би можел да дојде на шест месеци во унгарскиот вицепрвак. Покрај Бунтиќ, кој веќе замина, на крајот на сезоната ќе си оди и голманот Сиера, дефанзивецот Пјетруш, шутерот Горбок…

Замена за Бунтиќ ќе биде вардаровиот десен бек, Хорхе Македа, кој во јуни си заминува од европскиот првак. Тој веќе го потпиша договорот со унгарскиот вицешампион, иако се уште се чека на официјалната потврда од Сегед.мВардар и ПИК Сегед одиграа реми на првото соочување во Лигата на шампионите, а вториот меѓусебен дуел ќе се одигра во Скопје на средината на февруари.