Петрушевски после победата на Вардар јуниор: Нашите неискусни играчи покажаа што знаат

Првиот натпревар од новата сезона помина среќно за екипата на Вардар Јуниор која славеше против Радовиш со 41:38. Натпреварот го обележаа многуте погодоци и добра играта во напад, но лоша во одбрана и во таквата игра каде гол паѓаше на секои дваесетина до триесет секунди поуспешно се снајдоа домаќините.

300x250

По завршувањето на натпреварот тренерот на Вардар Јуниор, Стојан Петрушевски направи детална анализа за натпреварот и ги истакна своите ставови за играта на неговите момци, но и за текот на целокупниот натпревар.

„Очекував тежок дуел поради долгогодишното искуство кое го поседува Радовиш од Супер машката лига. Имаме неколку ракометари кои што немаат играно во оваа лига и сме многу млад состав. Не очекував ваков резултат, но момците покажаа дека имаат квалитет и покажаа борбеност и концентрација до крајот и го завршивме натпреварот поволно за нас со што порасна мотивацијата кај овие млади момци да играат сè подобро“, изјави за 24 Ракомет, тренер на Вардар јуниор, Стојан Петрушевски.

Вардар Јуниор тимот го базира главно на играчи кои до неодамна се натпреварувале во младинските категории. Оттука екипата на Вардар Јуниор нема некое искуство на теренот, но ракометарите покажаа дека можат да се носат со противниците и ако ја креваат формата за следните натпревари би можеле да направат некакво изненадување во лигата.

„Ова е почетокот на натпреварувачката сезона, а ние сме во фаза на создавање млад и перспективен тим и сигурно ни треба повеќе време да се уиграме и мислам дека од натпревар во натпревар ќе играме се подобро и подобро“.

Тренерот Стојан Петрушевски имаше пофални зборови за извонредните Ивица Илиев и Божедар Симиќ и објасни зошто одбараната на неговиот тим беше толку пропустлива.

„Имаме три играчи од првите седум кои немаат искуство од нашата лига, а Радовиш го има Ивица Илиев кој беше на прагот на влез во репрезентацијата и има акумулирано големо искуство. Имаат и квалитетен голман, но главно Илиев како и Божидар Симиќ ни правеа проблеми затоа што ние имаме високи и тешки играчи и секако на мали и технички добро потковани играчи им одговараат поспорите кои паѓаат во одбрана еден на еден, но при крајот успеавме да ги затвориме нивните обиди“, заврши тренерот на Вардар Јуниор.

Младите ракометари од Вардар јуниор после ова позитивно отворање на сезоната во салата Јане Сандански за седум дена ќе и гостуваат на Струга каде ќе обидат да одиграат добро како и на контролниот меч пред извесно време и ќе се обидат да изненадат.