Петмина поранешни вардарци се враќаат во „Јане Сандански“

Голем дел од ракометарите кои веќе го носеле дресот на Вардар во рамки на натпреварите од Лигата на шампионите годинава ќе се вратат во Скопје и ќе имаат пресметка со „црвено-црните“. Ждрепката сакаше на Вардар да му ги донесе тимовите на Келце, Веспрем и Рајн Некар. Тоа се три екипи во кои играат поранешни ракометари на шампионот на Македонија.

Во Келце од годинава е и Лука Циндриќ, додека староседелец е Алекс Душебаев, па тие ќе бидат инспирација за овој состав на Вардар при пресметките кои ќе се имаат во Скопје и во Полска.

Веспрем во своите редови го имаше и лани Дејан Манасков, а годинава го доби и Арпад Штербик, па и во овој тим има двајца поранешни членови на „црвено-црните“.

Рајн Некар од сезонава го има во своите редови Илија Абутовиќ, па бројката се зголемува на пет играчи на Вардар кои доаѓаат со своите тимови во Скопје. Секако на нив им се придодава и репрезентативецот на Македонија, Филип Талески.

За разлика од лани кога во Скопје постојано имаше репрезентативци на Македонија бидејќи доаѓаа со Веспрем, Рајн Некар, Барселона и Нант, овој пат се двајца, па бројката е намалена.