Пер Јохансон за 24Ракомет: Можеби Словенија е фаворит, но и Македонија има квалитет

Селекторот на Црна Гора, Швеѓанецот со големо тренерско искуство зад себе Пер Јохансон беше во Скопје за да ги провери можностите на дел од ракометарките против репрезентацијата на Македонија, а успеа да дојде до една минимална победа, но и пораз на втората контрола. Тој после вториот дуел го искажа своето размислување за 24Ракомет за прикажаното на теренот од неговите ракометарки.

„На првиот натпревар направивме добар пресврт против Македонија и бев задоволен. Имавме многу проблеми на средбата, но тој меч беше поквалитетен. На втората средба игравме подобра одбрана, но лошо во напад и сум разочаран затоа што не можевме ништо да сториме во финишот и да се доближиме до Македонија. Тоа беше заслужена победа за Македонија, но јас сум разочаран од прикажаното во второто полувреме“, рече Јохансон.

На овие дуели немаше дел од важните ракометарки во репрезентацијата. Сепак, дел од оние кои играа покажаа дека имаат место во составот.

„Секако, тука е Јелена Деспотовиќ која беше на нивото од кое што сум задоволен. Итана Грбиќ исто така беше на високо ниво, можеби не на вториот меч, но на првиот да. Одлучивме да дојдеме со млади играчи за да стекнат искуство, но мислам дека на овие натпревари требаше да бидеме подобри за да бидам задоволен“.

Тој го искажа и неговиот впечаток од играта на Македонија.

„Македонија играше таткички добро. На првиот натпревар покажаа добри акции и неколку добри вкрстувања. На вториот меч, пак, беше покажана и добра одбраната, а исто така имаа и добар голман. Мислам дека Македонија има шанси во баражот против Словенија“.

Ја кажа и неговаа прогноза за дуелот меѓу Македонија и Словенија?

„Можеби Словенија е фаворит на тој двомеч, но Македонија има квалитет и сигурно нема да и биде лесно на Словенија на натпреварите“, коментираше за 24 Ракомет, Пер Јохансон.