Пенезиќ очекува нови добри игри: Да продолжиме без пораз до крај

Ракометарките на Вардар од понеделникот се на тренинг и се подготвуваат за продолжението од сезоната, а веќе се знае дека на 19 и 21 јануари ќе ги одиграат двете средби од ВРХЛ лигата.

Вардарки ќе бидат домаќини на турнирот. Прво ќе ги одмерат силите со Будуќност, а потоа со Крим. Воедно ова ќе биде и генерална проба пред продолжението на сезоната во Лигата на шампионите со оглед на тоа што на 27 јануари во Скопје гостува екипата на Мец.

„Добро го одработивме првиот дел од сезоната. Ние сме единствена екипа без пораз. Имавме и доволно време за одмор и сега сме подготвени да тргнеме. Сакам да продолжиме со исто темпо и сакаме да ја победиме секоја екипа за да имаме во четврт-финалето полесен противник. Го напаѓаме врвот на Европа и се надеваме дека ќе се пласираме на Ф4 турнирот и ќе се обидеме да го освоиме. Мислам дека лани бевме многу блиску, еден гол разлика, беше чиста среќа. Не можам да кажам дека Ѓер беше поискусна, туку за такво нешто треба и малку среќа. Годинава и ние сме поискусни и се надевам дека ова е наша година“, вели левиот бек на Вардар, Андреа Пенезиќ.

Ракометарката од Хрватска најверојатно ја игра последната сезона бидејќи најави повлекување од терените. Посакува да се повлече со титула, па затоа може да се очекува сезонава вардарки да продолжат со високото ниво на игра.