Пелистер со победа во Охрид го потврди првото место во Супер лигата

Ракометарите на Пелистер си заминаа со три бода од гостувањето во Охрид и на тој начин успеаја да го зачуваат првото место на табелата во Супер машката лига. Во возбудлив дуел битолчани славеа ниминално со 20:19, а ова наликуваше на меч како од плеј-оф лигата што е одлична најава за она што ќе следува во новата лига во која ќе играат најдобрите шест тима во Македонија во моментов.

300x250

Целата средба мина во израмнета игра во која решаваа нијанси. Дури пет минути беа потребни за да падне првиот гол на овој меч, а тој беше дело на Томи Јагуриновски, кој одработи одлична средба. Постојано имаше надигрување, а ниту еден тим не успеваше да направи поголема предност.

И двете екипи се менуваа во предност во првото полувреме, а најголемата предност беше два гола, па оттаму и не беа изненадување нерешените 10:10.

Во вториот дел работите не беа ништо поинакви. Пелистер беше во предност, но Охрид секогаш беше близу и успеваше да парира. Домашните редовно израмнуваа и успеваа да стигнат до резултат кој им даваше надеж за бод.

Сепак, во финишот гостите беа тие кои знаеја како да ја зачуваат предноста. Пелистер успеа да го исконтролира резултатот. Имаше 20:18 на две минути до крај, а домашните дојдоа само до еден гол негатива. Пелистер имаше топка за да стави точка на средбата, но топката заврши крај голот. Во последниот напад домашните биеја над голот, па трите бода заминаа со Пелистер за Битола, а со тоа битолчани успеаја да го одбранат врвот на табелата.

ОХРИД – ПЕЛИСТЕР      19:20 (10:10)

Сала: СЦ „Билјанини извори“ во Охрид. Гледачи: 800. Судии: Дејан и Димитар Георгиевски од Скопје. Делегат: Русе Наумовски од Скопје.

ОХРИД: Трајкоски, Колев, Ѓоргиески, Андоноски 4, Ивановски, Младеновски 2, Блажески 1, Костов 1, Спасовски, Јанчев 4, Тасески 2, Кобетиќ 5, Димитријески.
Седмерци: 2/3, Исклучувања: 6 мин.

ПЕЛИСТЕР: Јовановски, Брауновиќ, Рајичиќ, Петров 1, Јагуриновски 6, Маџовски 2, Рајатовски, Чантурија 1, Димитровски, Апостоловски, Чуриќ 4, Орјоникидзе, Митревски 2, Ивановски, Митиќ 2, Везенковски 2.

Седмерци: 6/9, Исклучувања: 10 мин.