Пелистер се засили со поранешен играч на Металург

Тимот на Пелистер пред два дена ги започна подготовките за пролетната полусезона во Суперлигата, но со скратен играчки ростер, па стратегот Јосиф Петковиќ мора да го засилува составот во пресрет на натпреварите.

Прво засилување е искусниот десен бек Александар Станојевиќ. Тој во 2005 година беше вицешампион на светот со тогашната младинска репрезентација на Србија и Црна Гора предводена од Веселин Вујовиќ.

Кариерата ја започна во белградски Партизан, од каде почна неговиот поход во најсилните ракометни лиги во Европа. Ги носеше дресовите на Балинген, Гумерсбах и Вецлар, а има играно за словенечкиот Горење, францускиот ПСЖ и Раднички Крагујевац од Србија. Бил дел и од екипи од Катар, Саудиска Арабија и Турција.

Во Пелистер заедно ќе играат со Реваз Чантурија со кого беа соиграчи во Металург во 2008 година и заедно настапуваа во Лигата на Шампиони. 33-годишниот Станојевиќ во српскиот национален дрес запиша 32 настапи.