Пелистер нема право на кикс во Охрид

Дербито на последното коло од фазата за разигрување за титулата се игра во Охрид каде што Пелистер ќе има тешко гостување. На битолчани е да се изборат за триумф бидејќи така ќе може да останат на врвот на Супер лигата, а останува да се види дали и ќе успеат да го задржат местото коешто го имаа во најголемиот дел од сезоната.

Охрид посакува триумф за да покаже дека ќе биде конкурентен во битката за 3. место во плеј-офот, но во исто време и Пелистер не смее да си дозволи кикс, па затоа вечерва од 19 часот сите очекувања се да има добар ракомет во „Билјанини извори“.

И најавите од охриѓани беа дека денеска ќе се борат за победа за да ги израдуваат своите навивачи, па тоа е знак дека ќе мора да се одигра борбено во сите 60 минути. Воедно тоа значи и дека Пелистер нема да се опушта, па ова дефинитивно ќе биде супер пресметка за крај на овој дел од сезоната.

Инаку, и Охрид и Пелистер се во плеј-оф лигата, па ќе имаат уште два меча во следните два месеци така што ова е само загревање за она што ќе следува потоа.