Пелистер лесно и убедливо против Овче Поле

После поразот од Куманово пред неколку дена, ракометарките на Пелистер одново си обезбедија победа, а овој пат беа и убедливи на домашен терен. Противник беше Овче Поле, а битолчанки славеа со 46:25 со што само ја потврдија улогата на фаворитки на овој дуел.

Пелистер доминираше во текот на целиот натпревар и одлично ја користеше разликата во квалитетот која е меѓу двата состави. Дупките во одбраната на Овче Поле ефикасно ги користеа пред сè Белевска која погоди осумпати, додека Милосављевиќ и Јанкуловска реализираа по шестпати.

Кај Овче Поле единствена ракометарка расположена за игра беше Наталија Манева која погоди 12 пати. Со оваа победа Пелистер значително си ја зголеми самодовербата во пресрет на следните натпревари, а Овче Поле треба сè уште да работи за да стигне до првата победа сезонава.

ПЕЛИСТЕР – ОВЧЕ ПОЛЕ     46:25 (24:13)

Сала: „Боро Чурлевски“ во Битола. Гледачи: 300. Судии: Методија и Михајло Илиевски од Битола. Делегат: Саше Јанкулоски од Битола.

ПЕЛИСТЕР: Дурланова, Каковска, Божиновска 1, Апостоловска 5, Раиф 1, Глигорјадис 3, Николовска 1, Милосављевиќ 6, Талевска 4, Кицеска, Чокели 3, Филипоска 5, Белевска 8, Јанкуловска 6, Каранфиловска 3.

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 4 мин.

ОВЧЕ ПОЛЕ: Манева 12, Ристовска, Мицевска, Ристова, Павловска 2, Костова 2, Јанева, Тодорова, Димчева 1, Вучевска 3, Сентовска 5.

Седмерци: 4/5, Исклучувања: 10 мин.